Колку галаксии гледаме со голо око?

Одговорот е, освен нашата галаксија – Млечниот пат, со голо око можеме да видиме уште само две! Сепак, да тргнеме од почеток.

Според денешната наука, во вселената има околу 100 милијарди галаксии. Се разбира, оваа проценка е направена врз основа на статистички предвидувања за тоа колку галаксии би требало да има врз основа на одредени региони во вселената и нивно мултиплицирање, што значи дека е речиси произволна.

Но, она што можеме со сигурност да кажеме е дека во вселената има мнооогу галаксии! Некои од нив се блиски до нас, како галаксијата Андромеда која ќе се судри со нашата во далечна иднина, или визуелно привлечните Галаксија Сомбреро, M64 (Галаксија Црно око), Галаксија Вртлог или бизарните галаксии како Галаксијата Бејби бум која создава нова ѕвезда на секои 2 часа.

Се разбира, логично би било да претпоставиме дека ако погледнеме нагоре кон небото ќе видиме многу галаксии, нели?

Сепак, на нашиот небесен свод со голо око можат да се видат само галаксиите Андромеда и Триаголник (Triangulum Galaxy). Се разбира, ова зависи од хемисферата на која се наоѓате (Магелановите облаци се гледаат само од јужната хемисфера), надморската височина, временските услови, загадувањето (во што ние предничиме, се разбира), светлинското загадување – повеќе светлина значи дека се гледаат помалку небесни објекти и тоа колку сте искусен астроном и имате изострен вид. Извесни астрономи аматери споменуваат уште три галаксии кои се гледаат со голо око, целосната листа е тука.

Значи, сѐ на сѐ, во идеални услови со голо око би можеле да видиме само две галаксии! Не е ни чудо што до само пред 100 години научниците сметале дека сите ѕвезди во вселената се дел од Млечниот пат, додека американскиот астроном Едвин Хабл не покажал дека нашата галаксија е само една од многу други.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *