Зборувавме на темата на рециклирањето и кажавме дека „Првото правило на успешното рециклирање е – купувај помалку!“
Но, што можеме да направиме освен тоа за да го намалиме отпадот кој завршува на депониите? Се разбира, можеме да ги употребиме повторно и да ги пренамениме нештата пред да ги фрлиме.
Во Македонија голем дел од пластиките (од шампони, средства за чистење и слично) не се рециклираат и затоа е особено значајно да ги употребиме за нешто друго наместо да ги фрлиме. На депониите тие ја загадуваат околината, а со нивно палење се загадува и воздухот.
Во ова интересно видео се илустрирани повеќе интересни и инвентивни начини на кои може да ги употребите вашите пластични садови кои не се рециклираат.
Но, проблемот не завршува тука. Претераното и честопати непотребно купување создава голем број предмети кои завршуваат на отпад. Голем дел од нив дури и да сакате да ги рециклирате не можете, како облеката и обувките кои не се рециклираат.
Поради модните трендови новите парчиња облека брзо застаруваат, а детската облека е брзо надрасната и кога се подаруваат се најчесто нови и малку носени.
Можете да им го продолжите животниот век со тоа што ќе ги подарите, а за тоа имате опции преку хуманитарните организации како Црвениот крст или неформалните групи како „Дај, не фрлај“.