За пермакултурата од наш агол

PERMAnent agriCULTURE како концепт е осмислена во 1970 год. од страна на Bill Mollison и David Holmgren и главно се однесувала на земјоделско производство (оттаму и името) во хармонија со природата, без користење на пестициди и други хемиски препарати кои даваат поголем принос но ги загадуваат почвата, водите, воздухот… 

Низ годините, оваа идеја се проширила и на другите аспекти на живеењето како: архитектурата и урбанизмот, домувањето, енергетиката, меѓучовечките односи…

Тоа е еден вид пријателски однос кон природата преку кој од неа можеме да добиеме се’ што ни е потребно, без притоа неповратно да ја уништуваме. Ова всушност значи фер користење, без претерана или неоснована употреба и без неразумно трошење на енергијата, ресурсите или човечкиот потенцијал.

Пермакултурата не е измислен начин на живот на некои посебни луѓе туку примена на традиционални знаења и искуства карактеристични за минатото, кои со помош на модерната технологија се прилагодени на денешното, современо живеење.

Има само три основни правила а тоа се:
* грижа за околината
* грижа за луѓето и
* правилна распределба на ресурсите
Заклучуваме дека пермакултурата е мошне либерален пристап кој ни остава ,,одврзани раце” кога се работи за уредување на градината, домот, работниот простор и сл., дозволува креативност од уметнички и уште поважно, од практичен аспект. Но, после секоја наша активност, животната средина треба да остане иста или дури пооплеменета од она што била пред нашето делување.

Како можеме да ја примениме во секојдневниот живот?
Особено е важно да се живее во интеракција со околината, преку истражување на опкружувањето и воочување на добрите навики кај другите. Прашување, отвореност за нови знаења и прифаќање на укажувањата дека нештата може да се направат на поинаков, подобар начин, како предизвик а не како критика.
Пермакултурата е многу повеќе од индивидуален успех. Бара интеграција и тимска работа зашто тоа ги зближува луѓето, ја прави заедницата единствена целина која секогаш дава подобар резултат.

Посебно внимание би обратила на принципот на користење на обновливи извори (грижа за природата).

Знаеме дека скоро целата пластика (вклучително и облеката) се прави од необновливи, фосилни горива а нејзиното рециклирање како опција е лимитирано. Сама по себе се наметнува Plastic Free идејата или користење на материјали коишто се природни, обновливи, реупотребливи, биоразградливи и со можност во голем процент да бидат рециклирани.

Пластиката не е таков материјал!

Кога сме кај грижа за природата и нашите тимски напори да придонесеме за несоздавање на отпад, ќе го спомнам и Zero Waste пристапот. Додека тој ги потенцира постапките на поединецот, пермакултурата развива свесност дека се работи за многу покомплексен систем. Но и двата се подеднакво важни и се надополнуваат, најмногу заради различната природа на секој од нас. Едни сакаат да следат веќе востановени правила и насоки според нечие претходно искуство (Zero Waste), додека пак други, повеќе се склони кон истражување, експериментирање, учење и формирање на свој, одржлив стил на живеење и однесување, секако во склад со трите основни начела на пермакултурата.

На темава има уште могу да се зборува и уште повеќе да се делува. Мислам дека во услови кога се соочивме со неможност да примениме поголем дел од искуствата на развиените земји во врска со селектирањето и рециклирањето, пермакултурата како комплексен модел, ширум ни отвора нов прозорец.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *