Кога Miley Cyrus и Nine Inch Nails би имале дете, тоа би се викало Black Mirror

Скирол со флуоресцентни кочници и илустрација на некој пурпурно-неонски слаткаст лик од 80-ти, на кој сестра ми подоцна на мое барање ќе преслика слика од Еди, маскотата на бендот Iron Maiden. Книга „Мистерије света“ од Артур Кларк, единствената книга која татко ми ми ја подарил некогаш, и единствената книга која ја имав прочитано. Мојот бе-ем-икс велосипед со лепенката „лош возач“ на седиштето на кој се учев да возам како децата од филмот „И-ти“, касета со албумот Sonic Temple на The Cult и Seventh Son of a Seventh Son на Iron Maiden, тоа беа единствените нешта кои ги донесов со мене од моето родно место Сараево. Всушност, само тие работи ми значеа.

Во 1989 прв пат бев во МК, а можеби беше и вторпат, но кој знае, животот ми беше толку испрекинат што може и да го живеел некој друг, поинаков лик со друго име кој ви ја раскажува приказнава. Тогаш веќе почнав да се однесувам поинаку и да не припаѓам во моето друштво во БиХ, почнав да слушам металска музика и да зборувам чудно. Тоа беа почетоците на моето неприпаѓање никаде.

Но, во 1990 конечно дојдов во МК, а само неколку недели претходно стоев зачуден пред екранот на телевизорот во дневната и со дедо ми го гледав спотот Epic на Faith No More, додека молњи го параа воздухот заедно со гитарските рифови. Се разбира, тој гледаше сѐ што и јас, а јас гледав се со него, дури и Electric Blue. Сега стоев пред друг телевизор, во друг град и друга држава, а Head Like A Hole на NIN ме облеа со емоции на тинејџерски бунт и збунетост од спот во кој музичарите беа заплеткани во нешто што личеше на кабли или ленти од касети. Мојот нов другар кој слушаше панк и хардкор ме запозна со овој бенд, а јас под влијание на сестра ми почнав да цртам на хартија, по ѕидови, по сопственото тело и насекаде…

„Дали дома црташ по масите?“ ме праша наставничката. Веќе не ме сакаа заради мојата предолга коса, а јас мечтеев да си ја избричам косата од страните како пејачот на NIN, или на Pantera, и посакав да одговорам „Да!“, но немав храброст за двете работи. Вистината беше дека дома на работната маса беа напишани имињата на сите мои оилени бендови, со пенкало, не со молив, заедно со цртеж на големи нокти и до нив „Nine Inch Nails“, зашто во мојата детска потреба да бидам поголем од тоа што бев и посериозен од тоа што можев да бидам „Nails“ го разбрав како нокти и тоа за мене беше сосема логично. Еди имаше големи нокти, како и сите ѕверови и зомбија од омотите на металските бендови. Масата беше истругана, преработена за посериозните години и децении кои допрва дојдоа, но музиката не избледеа во мојот живот.

2019. Триесет години подоцна. Светот е поинаков. Miley Cyrus во улога на Ashley O во последната епизода Rachel, Jack and Ashley Too на Black Mirror, ја обработи песната на NIN Head Like A Hole и ја нарече On a Roll. И така долгите нокти ги заменија шајките, но ако на Trent Raznor тоа му се допаѓа, кој сум јас да се бунтувам!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *