Трагичната судбина на романтичниот поет Џон Китс

Во доцните 1990-ти имав тазе девојка и мој личен проект беше да ја научам како да слуша музика. Тогаш уште слушавме касети и јас ѝ правев компилации од моите омилени бендови, а таа ги слушаше во нејзиното Југо 45, на враќање дома од град. Таа за возврат ме учеше како да читам и да разбирам поезија.

Признавам, не бев голем љубител на стиховите и иако самиот се обидував да пишувам „песни“, но тие секогаш наликуваа повеќе на раскази во стих. Во една прилика ѝ напишав поема и во годините кои доаѓаа таа велеше дека тоа бил пресуден миг во нашата врска. Еднаш ѝ купив збирка песни од Џон Китс, нејзиниот омилен поет и тоа беше подарок за паметење.

Џон Китс (1795 – 1821) починал од туберкулоза на само 25 години и бил еден од главните англиски романтичарски поети, заедно со Бајрон (Lord Byron) и Шели (Percy Bysshe Shelley). Сепак, додека бил жив не бил многу почитуван, но со текот на времето станал еден од најпознатите англиски поети на сите времиња. Дури и, според некои извори, најначитаниот писател, Борхес (Jorge Luis Borges), рекол дека неговата „средба“ со Китс била најзначајното литературно искуство во неговиот живот.

Ви пренесуваме неколку интересни факти за трагичниот романтичарски поет Џон Китс:

За време на кусиот живот објавил 54 поеми.

Бил висок само 152 сантиметри и имал црвена коса.

По разводот на неговите родители пател од хронична анксиозност. Подоцна во животот страдал од депресија која ја опишал како „непријатна отрпнатост која не ја отстранува болката на постоењето,“ а кога сакал да пишува за неа рекол дека ги чувствува рацете небаре „оловни“.

Не сакал да ги чита сопствените поеми во јавност.

Кога ги објавиле неговите дела, толку многу се срамел од необјавените рани поеми, што ги собрал на купче и ги запалил.

Бил верен на љубовта на неговиот живот, Фани (Fanny Brawne), но не сакал да се ожени со неа пред да се осигура финансиски дека ќе може да се грижи за неа. За жал, починал пред да го постигне тоа.

Откако се разболел морал да комуницира со вереницата преку стакло и преку љубовни писма кои можете да ги прочитате тука.

Related image

Умрел во Рим, Италија, од туберкулоза, истата болест која ги однела животите на брат му, мајка му и татко му.

Прочитајте повеќе за овој трагичен лик и неговите идеи на овој линк.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *