Грдата страна на убавината

Мика е природен минерал кој се користи за производство на шминка заради неговиот сјај. Речиси сите козметички брендови денес го користат овој минерал. Сепак, овој минерал се обезбедува нелегално и со детски труд, а има и здравствени и безбедносни ризици.

Во Индија се произведува 60% од светското количество на мика, а голем дел се наоѓа во државата Џарканд. Оваа држава има 40% од сите вредни минерали во Индија, а исто толку проценти од нејзиното население живее во крајна сиромаштија.

Голем дел од населението копа минерали и ги продава за многу ниска цена на локалните бизнисмени кои понатаму го препродаваат на други или директно на богатите земји „гладни“ за овие минерали.

За овие сиромашни семејства копањето на овие минерали е единствен извор на приход. Иако постојат сериозни опасности по здравјето поврзани со копањето и сортирањето на мика, цели семејства работат во индустријата, вклучувајќи и многу мали деца. Децата се принудени да работат и се лишени од образование, заглавени засекогаш во опасната и неплатена работа.

Но, лесно е да се гледа на работите од „високо“ и да се рече – западните компании не треба да купуваат мика од тие земји. Што ќе стане тогаш со сите семејства чија егзистенција зависи од копањето мика? Можеби Западот ќе ги вработи во своите фабрики за производство на патики?… Нема лесни одговори.

Се чини дека земјите кои се благословени со природни богатства се всушност проколнати, зашто нивните суровини ги користат други, додека тие самите се на граница на егзистенција и се снаоѓаат како што знаат и умеат. Во светот има многу такви примери, а ова е еден од нив.

Интересно е и да се прочита оваа исцрпна студија на таа тема.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *