Искривеното огледало на социјалните медиуми

Целиот свет е огледало на младите. Во тоа огледало тие може да најдат многу одрази, други луѓе, сцени од животот и идоли со кои се идентификуваат.

Во денешно време бројот на огледалата е бесконечен, а сето тоа е благодарение на интернетот. Условно речено, тоа е најголемиот изум во човештвото кој овозможува брзо и лесно разменување на идеи и информации, а преку социјалните медиуми се претвори во чудовиште – Хидра со бесконечен број глави кое нема да застане додека секој човек на планетата не стане негова копија.

Тоа чудовиште е агентот Смит, од филмот Матрикс, кој се самореплицира додека не го претвори целиот матрикс во негова копија, но тогаш неминовно доаѓа прашањето „Кој сум јас?“ и во моментот на себесознание доаѓа до самоуништување. Тоа е опасноста која ги демне сите луѓе денес, особено младите.

Сите социјални медиуми, да не се лажеме, во својата суштина се егоистични и анти-социјални. Фејсбук му наметнува лажна слика на светот за неговите корисници, но набрзо се покажа како корисна алатка за здружување на луѓе со слични интереси, за социјален активизам и потенцијална промена во општествата каде што се оформуваат. Сепак, елементот на „видете ме“ останува доминатна карактеристика на овој медиум.

Од друга страна, Инстаграм е алатка за само-промоција, како и Твитер, кој не доживеа особен успех кај нас. Сепак, Твитер бара креативност, умешност во користењето и економијата на зборовите, додека Инстаграм бара одредена доза на егоманијакалност од корисникот измешана со чувство дека светот е должен да ги гледа неговите неуморни, упорни и нападни селфија или места кои ги посетува.

Гледачот на Инстаграм не го интересира твоето внатрешно чувство или идејата која сакаш да ја споделиш, туку само површното, а површината на огледалото е издеформирана и невистинита, разубавена со филтери и вештачки уредена. И како таков, совршено се вклопува во нашата средина и, денес, е попопуларен од сите други медиуми.

Постарите медиуми кои во Македонија сѐ уште имаат значителна публика не се ништо подобри. Телевизиските пакети имаат стотина канали кои нудат уште повеќе огледала. Идолите се менуваат секојдневно, од турските серии, кон политичките небулози, преку нашите домашни/регионални ток-шоу „херои“ … да не набројуваме за да не им даваме дополнителен глас – а ги знаете. Сите ја нудат онаа забава која му е потребна на духот кој нема време да се задлабочува, туку бара моментално задоволување, само едно притискање на копчето на далечинското или „swipe“ со раката преку екранот.

На крај, да не го заборавиме и Јутјуб, моќна алатка со потенцијал да ги замени сите други медиуми. Тој беше замислен како „лична телевизија“, ако зборот „тјуб“ го преведеме со цевка, тој е катодната цевка која не само што е насочена кон твоето лице и е наменета само за тебе, туку и го проектира твоето лице на светот. Зборовите на уметникот Енди Ворхол кои станаа многу попророчни од сите негови дела, „во иднината секој ќе биде познат по 15 минути,“ се чини дека се однесуваат исклучиво на новиот вид човек – Хомо Сапиенс Јутјуберис. Јутјуберите се насекаде (како агент Смит!) и да – тие заработуваат повеќе од докторите!

Не е ни чудо што денешните деца се изгубени во светот на бесконечните огледала како Алиса во земјата на чудата и прашање е какви ќе излезат од целата авантура и дали ќе научат нешто за себеси, за другите луѓе и за светот или ќе останат изгубени во светот на илузиите.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *