Уфонаутите се темпонаути

Дали вонземјаните се темпонаути или можеби посетители од паралелните димензии на нашата? Тоа е интересно прашање за кое имам размислувано уште од раното детство кога прв пат се запознав со книгата „НЛО – Посетители од иднината“, но да почнеме по ред.

Тетка ми беше крупна жена, математичар по професија, која уште во 1980-тите години во Југославија се грижеше за исхраната, појадуваше оризови галети, кафето го засладуваше само со кафеав шеќер, а на децата им даваше домашни сокови и органска храна.

Но, од друга страна, пушеше цигара за цигара и читаше исклучиво Арка, Тајне и други списанија за паранормалното. Омилена тема ѝ беа НЛО, кругови на плантажи (crop circles) и, се разбира, темпонаути.

Внимавајте, не астронаути, туку темпонаути. Според книгата „НЛО – Посетители од иднината“ на Ернст Мекелбург (Ernst Meckelburg, Besucher aus der Zukunft, 1980) која честопати лежеше на масичката во дневната соба од нејзиниот стан на третиот кат во една од дваесет-катниците во населбата Отока во Сараево – вонземјаните воопшто не се вонземјани, туку се технолошки напредни луѓе од иднината кои со помош на „дупки низ времето“ ја посетуваат земјата од минатото.

Jacques Fabrice Vallée, научник, астроном и уфонаут изнесува уште поегзотична теорија во која „вонземјаните“ се посетители од друга димензија. Според него, тие живеат во друг универзум кој е паралелен на нашиот. Поради тоа што се понапредни од нас тие можат да патуваат помеѓу димензиите и да го посетуваат нашиот свет. Не сме сигурни дека Жак има научни докази за неговите теории кои повеќе наликуваат на ДМТ трип, отколку на наука.

Независно од тоа, се работи за интересна тема за размислување, а веројатноста НЛО да се објекти од иднината се чини веројатна, иако паралелните димензии се помалку веројатни. Сепак, постојат и научни теории кои предвидуваат постоење на повеќе димензии, поточно 11, како егзотичната Теорија на струните, но импликациите немаат врска со вонземјани од други димензии.

Сепак, нема да навлегуваме во теориите кои предвидуваат постоење на 26 димензии зашто ќе помислите дека веќе само измислуваме бројки и ќе ве оставиме со прашањето: „како би реагирале ВИЕ доколку сретнете темпонаут?“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *