Домашен сенф од семе од синап

Дома доста користиме сенф. Ова беше причина да се информирам и да споделам за хранливите вредности на неговата главна состојка – семето од синап. Тие се дадени во табелата а доста поопширно има на линкот и се однесуваат на количина од 100 гр.

Најдов и интересен рецепт за домашна подготовка на сенф. Се прави вака.


СОСТОЈКИ:
110 гр. бел синап
10 гр. сол (2 рамни лажички)
20 гр. мед или кафен шеќер (2 рамни лажици)
60 мл. бела винска киселина
80 мл. вода
2 лажички маслиново масло

ПОДГОТОВКА:
Семето од синапот сомелете го, најдобро во машинка за мелење кафе.

МНОГУ ВАЖНО!
Внимавајте при мелењето машинката да не се загрее бидејќи синапот со загревањето (веќе на 30°) ја губи аромата и добива горчлив вкус.

Штом забележите дека машинката малку се загреала, престанете со мелењето, почекајте 2-3 минути да се олади и потоа продолжете. Треба да добиете што пофина мелена смеса.

Ставете го мелениот синап во еден сад, додадете ги останатите состојки и измешајте ги убаво. Мешајте ја смесата околу 5 минути. На почетокот ќе биде доста течна, но веќе по 10-тина минути ќе видите како синапот набабрува и смесата се згуснува. Оставете го така во садот околу 2 часа и повремено промешувајте го.

На крај, ставете го подготвениот сенф во тегличка, поклопете со капачето, но не ја затварајте. Сенфот треба преку ноќ да отстои и да фементира. Потоа може да ја затворите тегличката и да го чувате во фрижидер.

На вака подготвениот сенф потребни му се три недели за да „созрее“, на почетокот е многу лут а како отстојува така станува „мек“ на вкус.

За да не ви биде „досаден“ на вкус сенфот, може во него да додадете лук, рузмарин, кари, ѓумбир, мак,….едноставно од обичен сенф направете еден деликатес.


Image result for mustard recipe

Она што посебно ми се допаѓа во рецептов е што нема термичка обработка, значи задржани се хранливите состојки на синапот и нормално, нема конзерванси.

Досега не сум правела домашен сенф, но сум користела семиња и мешунки за рецепти кои не се прават многу често во домашни услови, зашто ги има да се купат готови:

Ленено семе – мелено, за протеински домашни пецива без брашно и за посен прелив за салата сличен на мајонез
Сусам – мелен, како додаток во домашен хумус наместо таан, исто и во протеинси пецива
Сончоглед – ретко
Наут – за хумус (веќе спомнав)
Кикиритки – за peanut butter
Намази со авокадо, маслинки, рукола, босилек…

Не ми беше намерата да се пофалам туку да дадам само неколку идеи за евтина, здрава домашна храна, често од сирови намирници купени на пазарите (без најлони и пластики доколку си понесеме теглички од дома), непроцесирана, без конзерванси, подобрувачи на вкусот и други скриени состојки што се штетни а секогаш присутни во купечките производи.

Освен тоа, немаме дилема што да правиме со празната амбалажа бидејќи дома подготвуваме и чуваме храна во садови што ги миеме и повторно ги користиме.

Па ајде да си направиме нешто домашно уште викендов! 😊


Текстот е преземен од Фејсбук групата „Еколошко, евтино, ефикасно!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *