Drugs.inc

Сигурно се сеќавате на кампањата Just Say No, но веројатно не знаете дека таа кампања ја предводела сопругата на тогашниот американски претседател Роналд Реган (Актерот? Да, актерот!)

А што би рекле во 1985 за претседателот Доналд Трамп!?

Кампањата сепак сведочеше за едно време во кое државата (САД, се разбира) активно учествуваше во спречувањето на епидемијата од дрога. Денес, истата таа (американска држава) активно работи во ширењето на една таква епидемија.

Како што е познато од документарецот Painkiller: Inside the Opioid Crisis и од разни други извори, вклучувајќи ги и неформалните муабети на најпопуларните американски подкасти, во Северна Америка постои вистинска епидемија од опиоиди или т.н. painkillers. Тоа го признаваат и „мејнстрим“ медиумски личности како Др. Фил.

Подеднакво е шокантен филмот Oxyana кој се занимава со проблематиката на уште еден лек кој се добива „на рецепт“ – Oxycontin.

Ќе си речете дека малку Кафетинче не му наштетило никому и во право сте, но тука се работи за сосема поинаква категорија лекови кои предизвикуваат зависност идентична на најтешките дроги, а истите лекови ги препорачуваат лекари како да се работи за бонбончиња. Всушност, во САД е потешко да се добие рецепт за антибиотик, отколку за овие медикаменти.

Во Америка во 2017 година овие апчиња „од лекар препишани“ биле одговорни за речиси половина од вкупниот број (50.000) на смртни случаи од предозирање. Еден од најчестите препишани лекови е
Fentanyl, дрога која е 100 пати посилна од хероинот. Сѐ почести жртви на овие дроги не се сиромашните бездомници, туку луѓето од високата средна класа и т.н. фудбалски мајки.

Во нашата средина омилени лекови се Дијазепам, Лексилиум и Хелекс, кои спаѓаат во групата на бензодиазепини и исто така предизвикуваат зависност, но прашање на време е кога ќе станат популарни и опиоидите. Се разбира дека има луѓе на кои навистина им се потребни овие медикаменти, но исто така треба да се размисли сериозно и научно и, ако нема потреба – едноставно да не се даваат т.е. земаат.

Затоа, памет во глава!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *