Заталкана Земја

Во изминатата деценија не само што повторно се актуелизираше истражувањето на вселената, туку повторно оживеа и СФ/историскиот жанр поврзан со истата тематика.

Од друга страна, во вселенската трка #2 се вклучија и други земји. Освен Русија и САД, Кина е голем играч, а и помалите држави не заостануваат. Истата паралела повторно може да се примени и на СФ жанрот.

Иако технички не е СФ филм, туку историска драма која се занимава со темата на вселената, возбудливиот руски Salyut 7 (2017) е филм кој заслужува место во историјата на филмот. Но, не смееме да заборавиме дека руската кинематографија ги има и одличниот Solaris (1972) на Андреј Тарковски (веројатно го паметите римејкот на Стивен Содерберг) или Stalker (1979). Рускиот Aelita: Queen of Mars (1924) е нем филм и еден од првите филмови со тематика за патување на Марс.

Тука во игра влегува и Кина со филмот The Wandering Earth. Во филмот е опишано како Сонцето станало црвен џин поради што сите нации на планетата Земја се здружиле во Обединета светска влада со единствена цел да се премести Земјата надвор од Сончевиот систем во системот Алфа Кентаури за да се спаси човечката цивилизација.

Ќе ги оставиме техничките детали настрана, како и што сѐ би било потребно за да се направи тоа, но последиците од таков потфат се оневозможеност на животот на површината на Земјата. Човештвото се повлекува во подземни градови, додека Земјата патува кон Јупитер за да ја искористи неговата гравитациска сила како „чатал“, техника која се користела за вселенските летала. Но, на тој пат Земјата ќе биде фатена во гравитацијата на Јупитер и потенцијално уништена. Ако успее целата операција, патот наводно би траел 2.500 години.

Филмот е исполнет со специјални ефекти, неверојатни експлозии и уривања, повеќе кулминации и расплети отколку што би можеле да предвидиме, и се разбира, чудниот „покемон“ кинески хумор, претерано емотивни и дури и „лигави“ моменти и нарација на ликовите врз дејствието, карактеристична за кинеската кинематографија. Филмот речиси и да не се разликува од американските филмови од сличен жанр, па дури и ги надминува во некои аспекти, со што станува премногу неверојатен за да поверуваме во веројатноста за преживување на главните ликови.

Наша пресуда е дека кинескиот филм е зачудувачки американизиран, но се вади на оригиналноста на идејата во која целата планета Земја станува вселенски брод… а зарем не сме тоа веќе?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *