Како Стивен Кинг станал писател

Стивен Кинг е еден од најплодните, најфилмуваните и најоригиналните писатели во западната цивилизација.

Според него, за да се напише еден добар драфт на книга, што можеме да го замислиме како основен изглед на книгата, без модерна облека, хипстерска фризура и без многу шминка, се потребни 3 месеци. Помалку е прекусо, повеќе е предолго и се забораваат ликовите, нивните односи и приказната.

На прашањето дали неговите хорор приказни се инспирирани од неговото детство, кое честопати било извор на трауми, тој одговара дека имал сосема обично детство, без многу возбуди, но дека отсекогаш имал бујна фантазија. Самиот се поистоветува со дете кое седи покрај патот и се игра со гранка во песокот и притоа си зборува само со себе. За возрасен човек таквото однесување би било необично, но за писател не.

Сепак, во едно друго видео, на одличниот канал Biographics, се зборува за тоа дека татко му на Кинг го напуштил семејството кога малиот Стивен имал само две години и дека потоа мајка му честопати менувала работни места, како и места на живеење. Потоа повторно се вратиле во Мејн во една куќа каде што немале внатрешен водовод. Како дете честопати талкал во маалото и се играл во близина на железничка пруга. Еден ден се вратил дома престрашен, но не ѝ кажал на мајка му што се случило. Подоцна таа дознала дека детето со кое си играл Стивен било распарчено од воз. Самиот Кинг нема никакво сеќавање за таа случка и му ја има раскажано мајка му.

Кога мајка му не можела да најде бебиситерка за своите деца, таа ги оставала сама со неколку книги и им задавала задача да си читаат приказни. Така кај Стивен се родила љубовта кон приказните и литературата.

Како млад Кинг работел на разни работни места, па дури и како копач на гробови, што било инспирација за неговата приказна
I Was A Teenage Grave Robber,” која била негова прва успешна објавена приказна, но за неа не бил платен.

Подоцна Стивен работел како професор по литература и имал недовршен ракопис кога неговата сопруга го пронашла во канта за отпадоци. Откако го прочитала го наговорила да го заврши и од тоа настанал романот Кери, првиот и еден од најпознатите романи на Стивен Кинг.

Но, да не откриваме сѐ, дознајте повеќе за фасцинантниот живот на Стивен Кинг во ова видео:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *