„Мамо, сакам да бидам Тесла!“

Според статија на сајтот futurism.com стотици деца во САД во 2018 година биле наречени Тесла, а уште толку Илон. Не е јасно дали родителите на овие деца сакаат нивните потомци да бидат паметни како Илон или електрични(?) како Тесла.

Се разбира, Никола е женско име во англиското говорно подрачје, но од друга страна, просечниот Американец не знае да разликува балканско име од презиме, а работите дополнително се комплицираат со тоа што и самиот Илон на едно новинарско прашање „Едисон или Тесла?“ го избра Едисон.

Како и да е, појавата на именување деца според компанија за производство електрични автомобили зборува за една опсесија кај одреден слој Американци, образовани, добростоечки, технолошко-зависни, хипстери во секоја смисла на зборот.

За жал (или за среќа?) во нашата средина децата сѐ уште се нарекуваат според личности од антиката или од средниот век и тоа зборува нешто и за нашиот цивилизациски развој и заглавеноста во минатото. Се разбира, нашето минато е славно, од овие простори потекнуваат моќни идеи и историски личности, но што е со сегашноста? Кои се нашите идоли, со што можеме да се гордееме на интернационалната сцена? Тоше го заборавивме, а на децата им остануваат некои други (Јутјуб) идоли кои се производ на времињата во кои живееме. Темата останува отворена…

Ако ништо друго, имаме доволно Николи!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *