Што би правеле во случај на удар на астероид?

На секои две години Европската вселенска агенција (ESA, European Space Agency ) спроведува т.н. вежби во случај на удар на астероид. Вежбите траат една недела и од понеделник ќе бидат емитувани во реално време на интернет.

Луѓето кои се занимаваат со проучување на удари на астероиди знаат дека тие се случуваат од време на време (некои тврдат периодично) и дека можат да бидат одговорни за истребување на речиси сите живи видови на нашата планета. Енергијата и уништувањето ослободени од еден таков настан се огромни.

Секако ова зависи од големината, аголот, брзината и составот на астероидот. Одредени научници претпоставуваат дека последен ваков голем настан се случил пред околу 12.000 години (поточно пред 12.800 години) и се нарекува истребување за време на холоценот. Науката официјално не признава дека ова истребување на голем број животни, особено мегафауната во која спаѓале и мамутите, а кое се случило на крајот на последното ледено доба е предизвикано од удар на астероид, туку дека е последица на активноста на луѓето, т.е. премногу ловење. Холоценот трае и ден-денес, а луѓето и понатаму се одговорни за истребување на многу живи видови.

Но, сѐ поголем е бројот на научници (кои ги предводат Graham Hancock и Randall Carlson) кои инсистираат на тоа дека во тој период, како и многу пати претходно настанал удар на астероид.

Според нив, апсурдно е да се претпостави дека раниот човек опремен со копја можел да истреби 10 милиони мамути, заедно со 120 други видови и 75% од сите цицачи во Северна Америка за краток временски период. Тие наведуваат докази како континентални пожари (огромни површини дрвја кои биле наеднаш запалени) и нагла промена на климатските услови (нагло паѓање во температурите во периодот на последниот дриас, пред 12,800 до 11,500 години) како потврда за хипотезата за удар на астероид.

Независно од тоа што е вистината, ударите од астероиди и комети ја менувале историјата и еволуцијата на Земјата (да немало астероид пред 65 милиони години веројатно денес ќе бевме големи гуштери во облека), а се и директно одговорни за постоење на животот на Земјата со тоа што ја донеле водата на Земјата. Сепак, треба да се погрижиме да не бидат одговорни за нашето истребување и тоа е целта на вежбата на ESA.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *