10 македонски еколошки ФБ групи кои се борат за подобра иднина

Може да се рече дека едно општество постигнало висок степен на развој кога почнува да се грижи за околината. Ни се чини дека тоа е прв стадиум во пост-индустриската цивилизација, кога грижата за материјалното и моменталното преминува во грижа за следните генерации и за наследството кое го оставаме зад нас.

Нашата држава и главниот град имаат многу проблеми од еколошки аспект, преку најочигледниот проблем со загадувањето на воздухот, до загадувањето на почвата и водите, преку несоодветно справување со отпадот, нерегулирано рециклирање, неконтролирано производство на енергија и на суровини кои повратно уште повеќе ги загадуваат водите, воздухот и почвите.

Во недостаток на силни, решителни и сериозни чекори од страна на државата, граѓаните сами се организираат, разменуваат информации и организираат акции. Па, еве некоја наша листа на 10 македонски еколошки Facebook групи кои се борат за подобра иднина:

1) Во екологијата пред рециклирањето секогаш доаѓа намаленото купување и реупотребата и токму на тоа поле работи групата „Дај, не фрлај“ со 35.000 членови, која постои веќе три години со повеќе од 30 подгрупи и ограноци. Целта на оваа група е да се намали непотребното купување нови производи и да се зголеми повторната употреба на користените производи за да не се фрлат и кои честопати се „како нови“.

2) Воздухот во градот Скопје е вечно жешка (и задушлива) тема за која се грижи добропознатата група „Скопје бара чист воздух“ која е секогаш активна, a особено во зимските месеци.

3) Уште една значајна група е „СТОП за смрдеата во АЕРОДРОМ и ЛИСИЧЕ“ како најпогодени населби во кои воздухот е загаден над дозволените граници во поголемиот дел од годината.

4) Секако не треба да заборавиме дека без зеленило нема чист воздух, бидејќи освен што го прочистува воздухот од штетни гасови и ја ревитализира почвата од тешки метали, тоа служи и како природен филтер за ПМ честичките. На ова поле работи групата „Шума во градот“.

5) Веруваме дека на сите ви е позната групата „Не биди ѓубре“ која организира граѓански акции за чистење на разни локации во градот Скопје и пошироко.

6) Слични активности постојат и во групата „Не фрлај, не загадувај!“ чија примарна цел е документирање и мапирање на помали депонии како и информирање и градење на свеста за правилното селектирање на отпадот.

7) Групата ENO (ЕКОЛОГИЈА) постои од 2010 година што ја прави една од првите еколошки ФБ групи.

8) Групата „Еколошко, евтино, ефикасно!“ има интересен концепт и, како што вели името, промовира производи кои се еколошки, евтини и ефикасни. Честопати тоа се производи кои не ѝ штетат на околината, ниту на нас самите и биле во употреба со децении или векови, но модерниот начин на живот ги занемарил.

9) Се разбира дека и надвор од главниот град луѓето се грижат за екологијата, како на пример групата „Сакаме чист воздух во Куманово“… и нѐ потсетуваат дека загадениот воздух не е проблем само на Скопје, туку и на целата држава.

10) И последна, но можеби најзначајна од сите на листата е – ФБ групата која можете да ја создадете вие! Сѐ што треба да направите е да изберете еколошка тема, а ги има многу, и да ја создадете групата со неколку кликови. Но, најбитно од сѐ треба прво да посакате подобра иднина, а тоа не е тешко, нели?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *