Интернет на кубански начин!

Ви текнува на времето пред интернетот? Ако сте биле од Скопје и сте сакале да слушате музика, сте оделе во продавница за касети или плочи, по можност Баги Шоп или Поп-топ. Ако сте сакале да читате книга, а сте биле заинтересирани за нешто понеобично, тука беа Табернакул преку мостот на Вардар или изданијата на Темплум, а за истражување – трк до Универзитетска библиотека!

„Просто к’о грав!“

Можеби тоа ви се чини комплицирано, но времињата беа поедноставни, а слушањето музика не се сведуваше на неколку кликови, туку на премотување на касета со молив или нежно допирање на плочата со игла за да не се изгребе. Токму поради пренатрупаноста со информации денес не можеме да ги доживееме нештата интензивно и суштински.

Можеби во Куба се среќни поради ограничениот и бавниот интернет. Според видеото подолу, во Куба постојат т.н. подземни трговци со податоци, што звучи како термин од книга на Вилијам Гибсон.

Според нивните зборови: „Еден тип собира серии, друг филмови, трет музика, итн. И така податоците се собираат додека не се наполни еден терабајт.“ Потоа главните трговци ги подготвуваат податоците за т.н. „неделен пакет“.

Видеото е сепак старо неколку години и не знаеме како стојат работите денес. Според Википедија има напредок во областа на интернетот на Куба, па се надеваме дека и Кубанците наскоро ќе бидат површни егоманијаци со животна желба да бидат јутјубери оптеретени со информации како нас!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *