Жижек vs. Питерсон

За да ја задржиме нашата боксерска тематика, ви ја пренесуваме веста за најавениот интелектуален „бокс меч“ помеѓу двајцата највлијателни теоретичари и коментатори на денешнината, Славој Жижек (Slavoj Žižek) и Џордан Питерсон (Jordan Peterson).

Питерсон е канадски психолог кој стекнал популарност поради неговите „анти-писи“ (political correctness) ставови кои честопати му донеле проблеми, но исто така и многубројни фанови. Неговите гостувања на подкастот кај Џо Роган (Joe Rogan) се легендарни, а извадоците од неговите „comebacks“ (секако знаеме дека Америка не се пали на ништо толку како на добрата стара „underdog story“) имаат милиони посети на YouTube.

Дебатата ќе се одржи на 19 април во Toronto Sony Center и ќе биде пренесувана во живо на интернет.

Жижек е словенечки филозоф и еден од најдобрите извозни производи од Словенија после бендот Лајбах и брендот Ајвар. Стара гарда кога станува збор за популарноста, одамна наречен „Елвис на културологијата,“ познат на нашите простори и ширум светот. Неговите тикови и невротичното однесување се легендарни колку и неговите мрсни вицеви. Сепак, тие се само параван на комплексни идеи кои допираат до суштината на човечката природа која се чини Жижек ја разбира на едно длабоко ниво.

Тема на дебатата е „Среќа: капитализам против марксизам“ и е интересна особено за луѓе кои ги преживеале двата концепти и нивните предности и недостатоци, како (средовечните) жителите на овие простори.

Веќе некое време Жижек и Питерсон се „препукуваат“ онлајн и преку нивните самостојни предавања и се чини дека особено Жижек не може „да го свари“ Питерсон. Интересно е тоа што Жижек употребува слична реторика која порано ја употребуваше Ноам Чомски во критиките против Жижек. Тогаш се работеше за старата гарда против новата. Се разбира, до дебата помеѓу овие двајца никогаш не дојде, сепак Чомски е сериозен истражувач и научник.

Спектаклот е потребен за да се придаде значење на некои од битните прашања во светот денес. Марксизмот е секако повторно во мода, но дали пак се работи само за старото против новото? Независно од тоа, од двајцава теотеричари може многу да се научи.

Повеќе информации тука и – очекуваме жешка дебата!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *