Научно дупло дно

Дуализмот е интересен поим во историјата на човековата мисла, преку дуализмот тело-душа, присутен во сите антички идеи, од религијата, Кант или Декарт, до епистемолошкиот, космолошкиот, етичкиот дуализам, или научниот физички дуализам кој продира до самата основа на природата и однесувањето на светлината – како бран и како честичка.

Според епистемолошкиот дуализам постојат две реалности кои произлегуваат од прашањето дали светот кој го гледаме околу нас е реален (објективен), или е субјективен и произлегува од начинот на кој нашите сетила го доживуваат. Според овој дуализам, ние никогаш не можеме да го спознаеме светот во целост таков каков што е, туку само таков каков што го перцепираме. Тоа значи дека постојат две „реалности“. Но, ако ние ја раководиме едната реалност, нашата субјективна, кој тогаш ја одредува објективната реалност? Се разбира дека религијата има свој одговор, но што вели науката?

Во вселената постои нешто што се нарекува Хигсов бозон и големите финансии на меѓународниот проект LHC во CERN беа оправдани токму со барањето на оваа честичка, популарно наречена „Божја честичка“. Зошто е оваа честичка битна? Затоа што таа го потврдува постоењето на Хигсовото поле. Ова поле всушност им ја дава масата на сите честички, што значи колку повеќе една честичка влегува во интеракција со полето, толку поголема маса има. Ако Хигсовото поле е океан, тогаш Хигсовиот бозон се молекулите на водата, а честичките се сите „риби“ во океанот. Без океанот тие би немале маса и би биле „раштркани“ во вселената без можност да образуваат покомплексни нешта. Сѐ што постои во вселената буквално го должи своето постоење на ова поле и неговите честички – оттаму и терминот Божја честичка.

Но, како и секогаш, науката не се задоволува со едно сфаќање, туку постојано оди понатаму. Според најново окритие, дури ни овој бозон не е единствен, туку може да се подели на два кваркови. Дали на повидок е уште еден дуализам? Прочитајте повеќе.

Сепак, физиката има многу „дупли дна“ и ова е само едно од нив. Кога ќе навлезете во светот на кварковите сѐ станува неразбирливо како Finnegans Wake на Џејмс Џојс. Патем речено, тоа е делото во кое за прв пат е искористен зборот „кварк“.

– Three quarks for Muster Mark!
Sure he hasn’t got much of a bark
And sure any he has it’s all beside the mark.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *