Интересно е кога некој автор доживува голем успех со едно дело, а понатаму се повлекува од јавноста. Причините може да се различни, од неспособноста да се соочи со славата до притисокот да создаде поголемо дело.
Но, што значи терминот „големо дело“? Позната е приказната за Мона Лиза на Леонардо да Винчи која стоела во музејот Лувр со години и никој не ѝ посветувал особено внимание – се работело за уште еден портрет од Ренесансата – додека не била украдена во 1911 година. По голема потрага и медиумска покриеност на настанот во кој дури и Пикасо бил обвинет, се создала речиси митска претстава за убавината на Мона Лиза. По пронаоѓањето на сликата и на виновникот – еден италијански столар – таа била однесена на голема турнеја во родната Италија пред да ја вратат во музејот. Оттогаш мистеријата околу сликата лебди над човештвото како некој недофатлив дух.
Таква е и приказната за делото The Catcher in the Rye на Џ.Д.Селинџер, за кое пренесуваме неколку интересни факти.
- Продадени се 65 милиони примероци од делото, 250.000 секоја година.
- Кога ја издал книгата, писателот ја напуштил земјата за да не чита критики, ги уништил писмата од читателите и одбивал интервјуа.
- Сакал или не, оваа книга доживела голем успех, особено по убиството на Џон Ленон од човек кој бил опседнат од книгава.
- Се работи за дело кое било забранувано заради тоа што е: против белците, вулгарна, анти-морална, поттикнува на бунт итн.
- Селинџер ја почнал книгата како војник во Втора светска војна и ја завршил откако бил пуштен од психијатриска болница каде бил заради депресија и синдром на пост-трауматски стрес.
- Авторот не сакал неговото дело да биде филмувано, но филмаџиите не ги почитувале неговите желби и по неговата смрт е снимен Rebel in the Rye (2017) кој не бил добро оценет од критичарите.
- Селинџер продолжил да пишува и по успехот (за разлика од Харпер Ли, авторката на еден од најпознатите американски романи To Kill a Mockingbird –сепак, тоа е тема за друг текст), но наскоро престанал да ги објавува делата.
- Годинава неговата сопруга и синот имаат дадено изјава дека во следната деценија ќе ги објават сите негови необјавени дела од 1965 до 2019 година.