И што ако Земјата е навистина плоча?

Рамноземјаните (Flat-Earthers) се интересна толпа. Да речеме дека претежно се работи за луѓе кои имаат скептичен поглед кон сите „вистини“ кои потекнуваат од „мејнстрим“ медиумите. Дел од нив се секако фанатици, но има и доста разумни луѓе кои преживеале некаква (средовечна) криза и се во потрага по повисока вистина. Ова видео е добра илустрација за тоа:

Но, зошто токму ова верување е толку популарно ? За рамноземјаните тоа не значи назадност и навраќање кон надминати идеи, туку напротив, ако веруваш дека Земјата е рамна значи дека мислиш со сопствената глава.

Според нив, НАСА и „светската влада“ сакаат луѓето да веруваат дека живеат на една обична планета околу едно обично Сонце, во една типична галаксија какви што има милиони, па дури и милијарди. Ние сме само честичка во вселената и немаме значење, според што треба да работиме, да ги извршуваме своите обврски и да им служиме на елитните индивидуи кои го поседуваат знаењето, парите и имаат моќ над нас.

Кога веруваме во теоријата на Земјата како плоча, ние веруваме во нашата посебност, во интелигентниот дизајн и централната позиција на оваа плоча опкружена со топчести вселенски објекти. Ние сме посебни, според што нашите животи имаат посебно значење во вселената, не сме прав, не сме честички во вселената.

Овие идеи, прикриени како слободоумност, се всушност опасни за младите умови затоа што носат кон неприфаќање на науката и верба само во „сопствените очи“. Јасно е дека законите на природата не се секогаш препознатливи на прв поглед и дека било потребно генијалните научници да ни помогнат да ги осознаеме. А без тие сознанија би ја немало модерната наука, медицина, технологија и човековиот век би бил пократок и потежок.

Парадоксалното во овие верувања е тоа што „рамноземјаните“ во нивниот претеран скептицизам забораваат дека истите тие „влади“ и „елити“ кои ги обвинуваат за прикривање на вистината за т.н. плочата Земја, всушност прикриваат некои поголеми и поопасни вистини за еколошки катастрофи, геноциди врз цели народи, планирани државни удари, намерно затворање на невини луѓе и профит по цена на сѐ друго – здравјето, добробитта и иднината на обичните луѓе и на планетата Земја.

Кога само дел од таа енергија која ја вложуваат во докажување на тоа дека Земјата е рамна би ја вложиле во освестување на луѓето за дел од вистинските проблеми со елитите, корпорациите, моќниците и „светските влади“, светот би бил поубаво и посигурно место за живеење, независно од тоа дали е топка или плоча.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *