Во моето маало (а верувам и во многу други во градот Скопје), во близина на основно училиште, има продавница која децата ја викаат „чипсара“. Во неа има исклучиво (и само) чипсови, сладоледи, сокови, бонбони и чоколади и тоа сите „кој од кој“ поевтин! Децата, се разбира, се пресреќни зашто за малку пари го добиваат тоа што го сакаат, но која е цената на овие производи навистина?
Повеќето од сладоледите, гумените бонбони, чоколатцата и другата „џанк“ храна која ја купуваат децата по таквите продавници чинат само 5-10 денари. Овие производи се најчесто увезени. Тоа подразбира дека во цената треба да влезе:
- Производство на хранливиот дел (она што се јаде)
- Производство на амбалажа, печатење и други материјали (пример парче дрво за сладоледите на стапче)
- Извоз-увоз на производот
- Продажба по цена од која може да се заработи нешто
Се прашувам – ако производот се продава за 5-10 денари, која е неговата производна цена и какви материјали се користат за производство на „хранливиот дел“ за целата математика да биде исплатлива за двете страни – производителот и увезувачот (продавачот).
Прашањето е: „Која е вистинската цена на овие производи?“
Да не пресметувате многу ќе ви го дадеме веднаш и одговорот: „Цената која ја плаќате е – здравјето!“