The Dirt, валкан биографско-музички филм

Секој кој ја сака рок музиката слушнал за Mötley Crüe, но тоа не значи дека ги слушал. Тие, како и бендовите Van Halen, Kiss, Ratt и подоцна Skid Row или Poison, припаѓаат на т.н. hair metal жанрот од 1980-тите. Како што истакнува социологот Deena Weinstein, се работи за термин кој опишува комерцијални лесни форми на метал музиката.

Како што е прикажано во вториот дел на документарецот Падот на западната цивилизација (The Decline of Western Civilization Part II: The Metal Years, 1988), интересен проект на Penelope Spheeris, овие бендови оделе до екстрем во нивното хедонистичко однесување. Таа вистина е брутално прикажана во документарецот и тој придонел жанрот на „нашминканите мажи во дречливи хеланки со натапирани долги коси“ наскоро да падне во заборав.

Во документарецот Chris Holmes од бендот W.A.S.P. дава интервју додека целосно облечен лежи врз душек во базен и голта (три шишиња) вотка директно од шише. Покрај базенот седи неговата мајка и слуша како нејзиниот син е „целосен алкохоличар“ и како „една година турнеја одзема четири години живот“. Се работи за една од највпечатливите документирани илустрации на парадоксалната комбинација на самоуништувањето и егоизмот во рок музиката.

Новиот биографски филм The Dirt (2019) од Netflix дава малку разблажена слика (секако, со доволна доза на секс и дроги) на целата сцена со концепт кој потсетува на еден далеку подобар музички документарец 24 Hour Party People (2002).

Сепак, се работи за вреден документ за историјата на една музика од крајот на 20-от век на дивиот запад.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *