Како волците ги менуваат реките

Едно видео кое не е толку ново, но е навистина фасцинантно. Сведочи за тоа како сите нешта во природата се поврзани и ако смениме еден елемент тоа може да има влијание на целиот биосистем и пошироко.

Во Yellowstone National Park волците биле истребени пред повеќе од 70 години. Во меѓувреме елените се намножиле толку многу што ја изеле цела вегетација. Кога волците биле повторно воведени во биосистемот во 1995 година, елените почнале да ги избегнуваат местата каде што полесно можеле да бидат уловени – долините и клисурите. На тие места вегетацијата се регенерирала за кратко време и настанале шуми.

Со шумите се вратиле и птиците, дабарите кои, како и волците се инженери на екосистеми. Со браните на дабарите се вратиле и патките, рептилите и водоземците. Волците ги убивале којотите, па така се намножиле зајаци и глувци што ги привлекло ласиците, лисиците и јазовците. Гавраните и орлите се хранеле со остатоците од храната на волците, а грмушките со бобинки ги привлекле мечките.

Но, најинтересното е тоа што волците всушност го смениле однесувањето на реките. Поради враќањето на вегетацијата имало помалку ерозија, каналите се стесниле, се фиксирале и се формирале базенчиња што било погодно за уште повеќе разновиден жив свет. Така волците, иако малку на број, не го смениле само екосистемот, туку и текот на реките и голем дел од земјиштето и неговата физичка географија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *