Република Паника – Хелекс Унија

Свесни сме дека во Скопје станува се потешко да се дише. Советите на „државата“ се: „останете дома, не излегувајте надвор…“, по можност не дишете. Во такви услови е тешко да се зборува за дишењето, особено во контекст на нашата тема – панични напади.

Навистина, самата помисла на воздухот што го дишеме е доволна да предизвика панични напади, па како тогаш дишењето може да ни помогне да се опуштиме? Одговорот е, како и секогаш кога се прашуваме за духовни дилеми, во источните филозофии.

Медитацијата посветува особено внимание на дишењето и прво што се учи е како да дишеш. Ние нема да навлегуваме предлабоко во таа тематика и ќе бидеме практични. Паничните напади се епидемија во западните општества и многу луѓе страдаат од нив! Сѐ почести се текстовите во светските стручни списанија насловени како „Анксиозна нација“, „Занакс нација“ (кај нас преведено како „Хелекс нација“) или „Генерација паника“.

Причините се, според мене, јасни – премногу информации во единица време за кои нашиот нервен систем не е еволуциски подготвен! Но, зачудувачки е дека многу мал број на луѓе знае дека постои многу едноставно решение за овој навидум комплексен проблем.

Секако дека има случаи кога се потребни медикаменти и дека секој случај не е ист со друг, но дишењето апсолутно може да помогне! И тоа со едноставна техника која се прави три пати дневно по пет минути, а се нарекува абдоминално дишење. Тоа придонесува да се активира парасимпатичкиот дел од нервниот систем и да се опуштиме – како бебиња! И навистина, бебињата дишат абдоминално. Просто е и функционира – обидете се, нема што да изгубите… освен паничните напади.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *