
Рецепт за домашни мусли кој го правам веќе долго време, бидејќи од купечките не можев да најдам вкус кој ми беше доволно природен.
Ги правам малку поинаку, а според мене е и полесно затоа што можам да го контролирам количеството мед и тоа колку печени сакам да бидат муслите.
Од оваа доза излегуваат две големи тегли а ќе имате појадок за отприлика 2 недели.
Постапка:
- Во поширок сад за готвење со дупло дно прво на суво се „тостираат“ 500 гр. житарки (комбинација од овесни, јачменови, ‘ржани и пченични снегулки од цело зрно)
- се додаваат 4 лажици семки (сончоглед, тиква, лен, сусам) и се „тостираат“ неколку минути, колку да пуштат мирис.
- потоа 100 гр. оризови снегулки за крцкавост
- 100 гр. јаткасти плодови (печени лешници или бадеми)
- додека е топло 3-4 лажици мед за полесно да се обложат житарките.
- на крај 50 гр. суво овошје и зачини (ванила, цимет, кокос, какао, рендана кора од лимон или портокал)
Ова е општ рецепт, со повеќе варијанти кои може да ги комбинирате по вкус и за да не ви здодее. Вака подготвената смеса се чува во тегли, а кога се потопува во млеко или јогурт, може да се додаде и свежо сезонско овошје.